Историјат

Земајќи го во предвид значењето на Битола како регионален административен, културен, економски, индустриски и образовен центар на Македонија, но град со традицијата во правото и адвокатурата, во академската 1970 - 1971 год. во Битола се активираа студиите на Правниот факултет – Скопје со центар во Битола.
Подоцна, со посебен закон донесен на 08.07.1977 година е основан Правниот факултет - Битола, кој на 25.07.1979 година со потпишувањето на Самоуправната спогодба за здружување пристапи во редот на основачите на Универзитетот “Св. Климент Охридски” – Битола. Правниот факултет - Битола работеше се до 1987 година, кога и престана да постои.

Повторното отворање на Правен факултет во состав на Универзитетот “Св. Климент Охридски” – Битола е направено со донесувањето на Законот за основање на истоимениот факултет од 07.07.2008 год. (Сл. Весник Бр. 81), но овој пат со седиште во Кичево. Со започнувањето со работа на Правниот факултет - Кичево во академската 2008 – 2009 год. започнуваат со работа и дисперзираните студии во Битола, а во следната академска 2009 – 2010 год. се активираат и дисперзираните студии во Струга.