Menu Close

Што кажуваат студентите

Ана Џима е студентка во втора година. Прочитајте зошто избрала да студира право и тоа на Правниот факултет при УКЛО – Битола.
Изборот , моето образование да го продолжам на Правниот факултет во Битола, го направив уште во гимназиските денови,тогаш за прв пат се соочив со прашањето кој би бил вистинскиот избор? За себе знаев дека сум борец за правата и правдата ,па тоа беше мисла водилка во изборот на вистинскиот факултет.Кога запливав во водите на правото, станав сигурна дека тоа е вистинскиот избор, а тогаш ги запознав и предностите на мојот факултет. Големиот спектар на можности за надоградување и знаењето кое го добивам во текот на моето студирање, ја создаваат мојата сигурност, ми даваат надеж и секако храброста за да чекорам цврсто кон идните предизвици што со себе ги носи професијата -правник. Комуникациските вештини,способноста за правично размислување и правично постапување се клучните сегменти на моето школување.
Наставната програмата на факултетот ,наставниот кадар и убавите зборови од студенти кои веќе студираа на овој факултет беа пресудни да го одберам токму Правниот Факултет во Битола.Уште во моите први академски денови ги приметив професионалноста, квалитетот ,ведриот дух на професорите и асестинтите, а сето тоа придонесе на нашиот Факултет да се чувствувам се посигурно .Тоа ми даде уште поголеми очекувања и ги зголеми моите амбиции за идните академски години.
Неодамна станав член на Правната Клиника која работи како составна единица од факултетот. Јас цврсто одлучив дека сакам и ќе се трудам да го извлечам максимумот кој ми е понуден од страна на факултетот. Правната Клиника има огромен удел во тоа бидејќи нуди огромен спектар на знаења и искуства придружени со забава. Предавањата одржани од страна на искусни адвокати, судии, и сл.,практиканската работа која ни беше овозможена и настаните ораганизирани од наша страна ми донесоа збогатување на моите организациски и комуникациски вештини,како и соочување со вистинска работа на еден правник како и подобар увид во начините за разрешување на проблемите со кои би се соочиле во иднина. Сето тоа е потткинувачки сегмент во студирањето на студентите, па и мотивација за моето понатамошно учество во Правната клиника .Во текот на оваа академска година, научив како да бидам целосно посветена, да го вложам целиот мој труд за да постигнам успех во практиката и за време на моето студирање.
Очекувам и знам, дека Правниот Факултет во целина и Правната Клиника,кога станува збор за студентите ќе ја постигнат нивната крајна цел, а тоа е да изградат подготвени и целосни личности кои успешно ќе пловат во водите на правото и ќе се борат за онаа заедничка главна цел- задоволување на правдата. Јас сум сигурна дека до крај целосно ќе бидам посветена на исполнивање на крајната цел и во иднина ќе бидам дел од правничката фела.
Бојан Петровски е студент во втора година, а воедно и Студентски правобранител на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола. Зошто тој избрал да студира право? Но, и кои се предизвиците при заштитата на студентите и нивните права?

Правните науки веќе од поодамна ми предизвикуваат особен интерес. Вистинското почитување на правото, доколку тоа е доволно добро, би довело до задоволително функционирање на општеството. Имајќи го тоа предвид, а исто така и чувствувајќи задоволство во проучувањето на правото, а особено во одредени правни науки, уште во моите средношколски денови одлучив дека мојата иднина е на правен факултет. Сметам дека иако ова општество се соочува со криминал, корупција, партизираност на администрацијата, кронизам, непотизам и уште голем број други проблеми, кои ако не се отстранат ќе предизвикаат и посериозни проблеми, доколку во него постојат граѓани со високоразвиена свест, има сериозна можност за напредок. Особено правниците, како фела која има големо влијание врз општествените текови, доколку се добро подготвени, и пред се’ морални личности, можат да извршат позитивно влијание од овој аспект. Затоа, сметам дека правниците можат да допринесат кон поголема општествена промена.
Правната клиника, како факултативна активност на нашиот факултет, нуди можности за практична работа, односно за соочување со практичната примена на правните акти, што е од голема важност во стекнувањето на искуството, кое е неопходно за да се стане добар правник. Иако оваа година, за жал, поради кризата со Ковид-19, Правната клиника не успеа да реализира голем број од активностите, сметам дека во некои идни времиња, учеството во истата може да биде доста интересно.
Од неодамна сум избран и за Студентски правобранител при УКЛО. Се одлучив да пристапам кон овој предизвик, бидејќи сметам дека истиот може да има доста позитивни ефекти за целокупниот образовен процес на нашиот Универзитет, доколку постапувам на висина на задачата, но и да го збогати моето лично искуство во врска со правото, бидејќи правобранителството е правна работа. За жал, одредени планирани активности за промоција на правобранителот и запознавање на студентите со истиот, мораа да бидат откажани поради Ковид-19, па затоа ја користам оваа прилика да ги охрабрам студентите, доколку имаат некој проблем во врска со студирањето, да го пријават.
Димитар Врглевски е студент во трета година на Правниот факултет – Кичево, дисперзирани студии во Битола, како и претседател на Факултетското студентско собрание при Правниот факултет. Димитар зборува за својот избор да студира право, но и за неговите обврски околу студентското собрание.

Имав можност и претходно да зборувам за тоа зошто мојот избор беше Правниот факултет во Битола, на што, коментирав дека мојот интерес во областа на политиката, јавните политики и јавниот интерес и мислење, ме насочуваше кон тоа да го изучувам правото како наука која поставува граници во сите областа, па и во оние каде јас покажувам интерес.
Повторно останувам на истиот став. Но, имајќи ја предвид новата (4 годишна) програма на Правниот факултет, би искоментирал дека дека таа е ретка можност за студентите. Ова го зборувам бидејќи изборот на предмети е дотолку флексибилен што остава можност на студентот да го насочи времето и трудот кон оние предмети за кои навистина покажуваат интерес и можноста за конкретно насочување во четврта година е предност кај студентите на овој факултет. За мене особено интересна е насоката „европско право“, каде (судејќи според предметите кои се понудени) правниот и политички систем на меѓународниот ентитет кон кој се стерми нашата држава, се изучува од секој аспект, со што на крај, стдуентите ќе ги имаат ретките компетенции и знаења, што се неопходни за кадарот што ќе треба да ги предводи евроинтеграциските процеси.
Професорите се отворени за соработка. Ова можам со сигурност да го кажам, особено сега кога ја имам можноста да бидам Претседател на Факултетското стдуентско собрание на факултетот. Преку ова студентско тело, ги будиме студентите од инертниот сон во кој се наоѓаат веќе долго време. Поради настанатата состојба со коронавирусот, поголемиот дел од активностите остануваат да бидат спроведени во наредната академска година. Но, тоа не не’ спречи дел од активностите да ги спроведуваме онлајн. Покрај предавања и дискусиите организирани со професори од Факултетот, ФСС прави еден голем чекор и го основа/креира првото Стдуентско списание на овој Универзитет, насловено како „Ајде зборувај“.
Тука не смеам да не ги спомнам, Правната клиника и Дебатниот клуб „Titus Flavius Orestes“, преку кои имав можност полесно да додјам до пракса, да слушам предавања од истакнати практичари и да учествувам во Moot court натпревари (симулација на судење пред Европски суд за човекови права).
Како заклучок, би кажал дека студентите (зависно од нивниот ангажман- кој мора да е на повиоско ниво) може да се стекнат со сите правни вештини и компетенции кога ќе го завршат факултетот а со тоа да бидат атрактивен производ на пазарот на трудот (кој знае да биде доста суров и компететивен).
Наташа Присаѓанец е студентка во втора година на Правниот факултет – Кичево, дисперзирани студии во Битола. Прочитајте што кажува таа за нејзиниот избор да студира право и тоа на Правниот факултет при УКЛО, но и за нејзините заложби како заменик студентски правобранител.
Кога станува збор за мојот избор за студирање право можам да кажам дека тoa беше една од најважните па и најтешките одлуки кои некогаш сум ги донела. Во текот на моето гимназиско образование често си го поставував прашањето – Што навистина сакам? И ни самата долго време не знаев да одговорам на ова прашање, но една книга ми го промени погледот кон животот. „Заедно“ од Џоди Пико беше книгата после која што јас навистина се пронајдов во нешто. Преку оваа книга јас сфатив што навистина сакам и како јас се гледам во иднина. Адвокатот од таа книга ме научи дека светот не е само црн или бел и дека секоја приказна може да се раскаже на различни начини, дека работите може да се погледнат од повеќе перспективи. За мене правото претставува токму тоа, начин преку кој покрај сите други приказни и перспективи се доаѓа до вистината.
Откако се одлучив да студирам право, ни најмалку не се двоумев на кој факултет да биди тоа. Се разбира го избрав Правниот факултет во Битола. И ако би се вратила назад повторно би го направила истиот избор, бидејќи во текот на овие две години од моето студирање ниту еднаш не зажалив за оваа моја одлука. Секако за тоа голема заслуга имаат сите професори и асистенти кои максимално вложуваат труд и секојдневно не мотивираат. Тоа што тие секогаш се тука да ни излезат во пресрет на студентите е причината поради која што уште повеќе го засакав факултетот. Во нив ја најдов поддршката која што ми беше потребна за да се борам за она кое што сум го замислила.
Причината која што се пријавив на конкурсот за заменик студентски правобранител беше тоа што оваа функција претставува предизвик за мене преку кој што ќе стекнам многу искуство. Секако ова е одговорна работа бидејќи претставува борба за студентските права, а за мене лично ова претставува чекор поблиску до мојот сон, а тоа е да ги бранам интересите на послабите. Но, секако од изборот на студентски правобранител најголемите придобивки ги имаат студентите. Се разбира тоа е така бидејќи можеби и за прв пат ќе имаат каде да ги кажат проблемите со кои се соочиле во факултетот, но и најважно од се е тоа што од Правниот факултет ќе излезат спремни за да се соочат со нови предизвици без да се плашат да се борат за своите права. Токму тоа е и целта, да излеземе од овој факултет не само со знаење кои се нашите права, туку и со вештини преку кои ќе ги браниме нашите, но и туѓите права.
Дона Петрова е студентка во трета година на Правниот факултет – Кичево, дисперзирани студии – Битола. Дона зборува за својот избор да студира право, зошто Правниот факултет при УКЛО, како и за нејзиното работење како претседателка на Универзитетското студентско собрание при УКЛО.

Во животот најтешко е да одлучиме колку би се вложиме за работите кои ги сакаме. Тоа што јас можам за себе да кажам е дека љубовта кон правдата ми е безрезервна и дека се вложувам максимално за неа. Со цел да ја надоградам љубовта кон правдата, се запишав на Правниот факултет-Битола при УКЛО. Вложувањето на Професорите и нивните механизни да ни го предадат знаењето за правото ме натера да сфатам дека сум го направила најдобриот избор во однос на моето студирање. Прекрасно е чувството со задоволство да следиш настава и да ти е криво дека си пропиштил некое, не затоа што би изгубил поени од присутност, туку заради тоа што си пропуштил шанса за ново сознание. Студирање на Правниот факултет ми овозможи да сфатам дека правото претставува жива материја и дека факултетот го претставува почетокот, а во текот на целиот живот самите одлучуваме каков ќе ни биде врвот. Отворањето на нови гледишта ме натера да испробам нови предизвици.
 
Мотивирана од самото знаење кое го имав во однос на правото и постапките кои излегуваат во него, се кандидирав за Претседател на Универзитетското студентско собрание на УКЛО. Во мојот мандат се стремам за поквалитетно високо образование, а преку различни методи ги детектирам проблемите на студентите на Универзитетот и преку различни инстументи наоѓам решенија за надминување на истите. Да се биде Претседател на Универзитетско студентско собрание бара храброст и прецизност. При најмала грешка може да биде повредено нечие право, а мојата улога е да ги заштитам правата на студентите. Мојата работа како Претседател можеби не секој ја подржува, ама се додека е искрена и праведна, не може да биде погрешна. Јас се стремам за правда и се додека ја негуваме истата, светот ќе ни биде многу подобро место за живеење.

Недим Зекмановски
е студент во трета година на Правниот факултет – Кичево, дисперзирани студии во Битола. Тој зборува за својот избор да студира на Правниот факултет, како и за работата во клубот Titus Flavius Orestes.
 
Владеењето на правото и правната држава, два принципи врз кои се темели секоја современа демократска држава обезбедуваат непречено одвивање и исполнување на потребите на општеството, но за да постојат овие принципи потребно е исполнување на определни услови. Еден од условите претставуа -обезбедување на свесност граѓаните на една држава да ги знаат своите права и обрвски кои што им се стекнати со самиот момент на раѓање, а гарантирани со уставот и законите како најзначајни правни акти на една земја. Осознавањето на своите права и обрвски е цел на секоја индивидуа, но тоа за некој претставува и пасија.
 
Знаењето секако не се стекнува веднаш, туку тоа е долг процес на стекнување на вештинини, способности и информации низ целиот живот, но едно најважно е одговорот на два прашања Каде? и Како?. Подучувањето на граѓаните за своите права е задача не секој еден правник за која што задача јас се гордеам и со полно срце можам да кажам дека баш тоа и го стекнувам како студент на Правниот факултет преку бројните вежби, предавања и големото внимание од страна на професорите како и асистентите се добива една многу јасна слика што е тоа “право” и за што служи. Сметам дека учеството во клубот “Titus Flavius Orestes” ќе обезбеди подобрување на своите знаења, вештини и способности стекнување на нови како и продлабочување на стекнатите познавања од областа на човековите права и слободи ова секако претставува и одлична прилика преку учество на натпревари за симулирани судски процеси кои овозможуваат да се добие слика за тоа како изгледа еден процес односно постапка пред Европски суд за човекови права.

Ангела Бошевска е студентка во трета година на Правниот факултет – Кичево, дисперзирани студии во Битола. Ангела ни зборува за својот избор да студира право, како и за можност да е дел од Клубот Titus Flavius Orestes.

Да одлучиш да студираш право треба да знаеш дека законот никогаш не застанува, и сѐ постојано се менува. А работата која те поттикнува да истражуваш и да учиш ново, никогаш не е здодевна. Правната помош што можам да ја пружам некому ќе биде клучна да ја постигнам мојата цел. Целта да сум тука за другите, да помогнам и да направам да се истакне правдата.

Да студирам право беше одлука која ја направив во првиот момент кога помислив на мојата иднина и никогаш нема да се покаам, ниту да речам дека погрешив. Зошто е тоа така? Бидејќи тоа беше одлука која ме одведе да пливам во длабоки води, и патување во кое добивам сатисфакција. Патување каде секој момент е исполнет со неизвесност, но парарелно те прави среќен, исполнет со љубов, мотивација и желба за повеќе.

Отворени ми се шанси за развивање на моите комуникациски способности, моите способности за истражување, поврзување на реалноста со теоријата, критичко размислување. Тоа што го нуди мојот факултет е еден широк спектар на можности да се почувствува тоа што би го работеле во иднина.

Тука можам да го споменам пријавувањето во клубот ,,Titus Flavius Orestes” е нешто што уште повеќе ќе придонесе во моето знаење во областа на правото, посебно за човекоевите права, и честа е голема што сум дел од вакво искуство. Овој тип на симулирано судење пред Европскиот суд за човекови права е можност да се биде поблиску до правото, да се дознае што значи борење за правда, стимулирање на нашето размислување до степен да можеме да се снајдеме во повеќе ситуации и одблиску да почувствуваме како изгледа еден процес на судење пред овај суд во Стразбур. Нешто што не може да биде заборавено и е клучна пракса за во иднина, посебно за тие што тие сакаат да се занимаваат со адвокатурата.

Како последно но не најмалку важно, колегите односно пријателствата стекнати тука, се тие кои нема да се заборават. Ние сме една еднина кои како колеги сега, и колеги на работно место ќе соработуваме и ќе го насликаме нашата иднина ние како што сакаме да изгледа, и како што треба да биде навистина!


Илчо Богески
е студент во четврта година на Правниот факултет – Кичево, дисперзирани студии – Битола, зборува за својот избор да студира право, но и за досегашното искуство со клубот Titus Flavius Orestes.

Предноста на правната наука е во неговата голема разновидност во изборот на голем број професии во кои што би можело да му се помогне на тие на кои што им е потребно, но исто така бара користење на интелектуалните способности за да се надминат секојдневните нови и разновидни предизвици и бариери.

Таа секојдневно се справува со предизвикувачки прашања кои бараат користење на логика и разум, а секако правото е тука за да му помогне и да го олесни животот на луѓето, но тука мора до постој правда, бидејќи закон без правда е како рана без лек, па поради тоа сметам дека можам да придонесам во намалување на нивните проблеми, а правниот факултет во рамките на УКЛО, ми овозможи да се запознаам со правото и концептот на правдата во неговата целина, неговота значење и примена на истото, а тоа пред се е благодарение на големото внимание и соработка на професорите и асистентите при нивната работа со студентите, односно ја оствари целта на образованието, бидејќи за надминување на проблемите со кои што би се соочил во иднина ме научи како да размислувам, а не што да мислам.

Сметам дека со учеството во клубот “Titus Flavius Orestes”, најнапред претставува предизвик но и предност да се стекнам со прилика да си ги унапредам и усовршам претходно стекнатите познавања за човековите права и нивна потемелна обработка и почитување, како и можност моите теоретски знаења да ги применам практично, таа ми дава шанса да ја осознаам целата постапка која што тече пред Европскиот суд за човекови права, во улога на адвокат, со што се стекнав со знаења за подтотвувањето на писмените поднесоци и застапување на странката, исто така добив сознанија како да ја изнесам својата аргументација и секако од големо значње е за подобрување на моите реторички способности, односно на моите говорни вештини, мојот јавен настап како и говорот на телото.

Радмила Јовановска е студентка во трета година на Правниот факултет – Кичево, дисперзирани студии во Битола, која зборува за изборот да студира на Правниот факултет – Кичево, дисперзирани студии во Битола, како и за членувањето во Moot Court Клубот Titus Flavius Orestes.

Правејќи ретроспектива на настаните, уште од моето најрано детство, без разлика дали се работи за случки од секојдневните игри со другарите или пак од училишните клупи, како заеднички белег кој е врежан во моите сеќавања е фактот дека одсекогаш не сум ја поднесувала неправдата.

Тој белег остана цврсто врежан во мојот карактер и ме донесе до вратите на Правниот факултет-Битола. Желна за знаење и изучување на правото секоја нова книга од таа област за мене е како нова отворена врата низ која влегувам во светот кој за мене донеодамна беше непознат, но со силна волја да го откријам и најмалиот негов дел. Изучувањето на правото бара голема посветност, труд и упорност, но за мене тоа претставува основа која ќе биде цврст темел на мојата иднина.

Ние, студентите од Правниот факултет – Битола ја имаме привилегијата да ги стекнеме нашите знаења од стручни професори кои предаваат со ентузијазам и несебично се вложуваат и се трудат да ни ги пренесат своите знаења и познавања од областа на правото, што е многу важен фактор во нашата едукација и збогатување на знањеата од областа на правото, а особено развивање на критички и аналитички вештини.

Тоа што сум дел од клубот Titus Flavius Orestes, ми претставува особено задоволство. Преку учество на натпреварот очекувам да се запознаеме со тоа како тече еден процес пред Европскиот суд за човекови права, што се треба да содржи една апликација, како и да стекнам едно големо позитивно искуство кое ќе ми овозможи да ги подобрам своите вештини за јавно говерење и да го продлабочам совето знаење во областа на човековите права.

Наталија Атанасовска е студентка во трета година на Правниот факултет – Кичево, дисперзирани студии во Битола, за нејзиниот избор да студира право, но и за досегашното искуство во Moot Court клубот Titus Flavius Orestes.

Мојата амбиција за изучување на правото ја имав уште од мала ,така и се насочив во текот на моето образование. Првата средба со правото и правосудството ми беше во текот на средно образование со учењето на основите на правото, пишување на акти, практично следење на судење, како и изучување на основните поими во правото. Со тоа се повеќе и повеќе се зголемуваа моите амбиции за изучување на правото и правните науки, па поради тоа денес сум студент на Правниот факултет – Битола. Сметам дека ќе придонесе во моето стручно оспособување во областа на правото, развивање на комуникациските и организациските вештини и знаења.

Изучувањето на правото како и секоја друга наука бара голема посветеност, труд, упорност, љубов. Со неговото изучување се стекнуваме со знаење кое ни овозможува да ја препознаеме правичноста, моралноста. Нашата можност да влијаеме за подобрување на темелната вредност на владеење на правото, односно остварување и спроведување на правдата во едно општество. Запознавањето на правото во неговата вистинска смисла, стекнувањето на знаење, способност да се реши некој потенцијален проблем на едно општество ни го овозможува правниот факултет. А тоа преку учество на различни дискусии, дебати, конференции. Примена на стекнатото теретско знаење во пракса,запознавање со правото во реалниот живот се нешта кои ми се овозможени со членувањето во Правната клиника чиј член сум веќе две години. Особено задоволство ми причинува тоа што од оваа година сум дел и од Клубот Titus Flavius Orestes, кој придонесува за проширување на нашите знаења особено од областа на човековите права и практично оспособување преку натпреварите за симулирани судски процеси. Стекнување на ораторски вештини, тимска работа, дисциплина способности кои ќе придонесат во нашето усовршување. Покрај сите тие придобивки и многу позитивна енергија, запознавање со студенти од нашата област, пријателства, соработки.

Викторија Митевска е студентка во трета година на Правниот факултет – Кичево, дисперзирани студии – Битола и истата зборува за својот избор да студира на Правниот факултет, како и искуството од Moot Court клубот Titus Flavius Orestes.

Кога го завршив средното образование, бев сигурна дека повеќе ме влечат правните науки, но проблемот се појави кога требаше да се одлучам помеѓу правото и криминалистиката. Со оглед на тоа што правото ми беше прва љубов, ги испитав сите студиски програми на факултетите. На еден крстопат каде што одлуката за животот ја носиш сега. Тоа беа прашања кои ме мачеа се додека конечно не дојде тој ден, кога јас цврсто одлучив да ја следам својата пасија. Уште од мали нозе ја сакав вистината и правдината, па големата амбиција која што владее во мене ми ја дава потребната мотивација за да можам да успеам. И да би се вратила назад, повторно би го избрала Правниот факултет во Битола.

Токму тој е единствениот во кој што јас се пронајдов, кој ми понуди можност да се усовршам на професионален план, но истовремено и на личен. Место каде што јас се запознав себе си и сфатив дека утре кога ќе излезам од тој дом јас веќе ќе бидам изградена личност. Среќна сум дека постојат доста квалитетни професори кои што своето знаење ни го пренесуваат на најдобар можен начин, се со цел ние да бидеме тие кои ќе можеме да промениме нешто, да направиме еден круг за да се натпреваруваме во речник, да кажете што мислите, да разбудите кај другите интерес за одредена тема. Иако се многу правници, јасно е дека секој е импозантен на свој начин и можам да кажам дека оној кој го љуби правото знае дека тоа претставува една сфера на интриги, една материја која мора да се изучува внимателно, прецизно, нешто кое бара постојано читање и на тој начин се гради квалитетот. Правникот мора многу да чита за да ја разбере логиката и кога ќе се стекнат основните познавања, самата структура на правото, тогаш сфаќа дека понатаму тоа е надградување. Нашиот факултет за студентите нуди разни дебати, дискусии, можност за вклучување во симулација на судски процеси, конференции, мобилност за нашето стручно оспособување , за да имаме можност да ги развиеме нашите ораторски, критички способности, но и онаа најважна способност за решавање на проблемите во областа на правото. А посебно би го издвоила, moot- court клубот за симулирани судења, Titus Flavius Orestes. Да се биде дел од него и да се работи со квалитетни и образовани луѓе е голема чест. Се соочуваме со работата на Европскиот суд за човекови права, како тие работат, воочувајќи ги проблемите, клубот е тука да не насочи дополнително во проблематиката што нас не интересира за да го прифатиме предизвикот за промената која што доаѓа. Размислете внимателно пред да се запишете на право, без разлика дали сте подготвени да се справите со тој повик. Тешко е, не е лесно. Но, кога сакаш нешто, тогаш дефинитивно ќе успееш и ќе бидеш добар. Бидете сигурни во себе, уживајте во студиите и настојувајте да бидете успешен адвокат, фер и добар во вашата работа.