На меѓународната научна конференција „Човекови права и пристап до правда за најмаргинализираните заедници – теорија и пракса“ која се одржа во Охрид од 18.05 до 19.05.2023 година, активно учествуваа и проф. д-р Горан Илиќ, вон. проф. д-р Ице Илијевски, доц. д-р Ивона Шушак Лозановска, вон. проф. д-р Лазе Јаќимовски и вон. проф. д-р Ангелина Станојоска од Правниот факултет – Кичево.
Од име на Универзитетот на значајниот собир се обрати проректорот за наука, проф. д-р Горан Илиќ. Тој ја потенцира една од стратегиските цели на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и  еден од приоритите во идниот развој – фокус кон научно-истражувачката работа и интернационализацијата на УКЛО.
Во врска со континуираното промовирање на науката, научните искуства и сознанија, проректорот Илиќ се осврна кон местото и на Правниот факултет, единица на УКЛО да демонстрира висок степен на посветеност во научно- истражувачката работа  и  активно учество на  академски настани со меѓународен префикс.
Од име на Правниот факултет, се обрати продеканката за наука и меѓународна соработка, вон. проф. д-р Ангелина Станојоска, која ја потенцираше важноста на пристапот до правда, пред се за маргинализираните заедници, посочувајќи дека општеството мора да ги надмине предрасудите и да им дозволи на сите граѓани еднаквост, без дискриминација и неприкосновен пристап до правда.