На 15.12.2022 година во УКЛО Студентскиот информативен центар во Битола се одржа промоција на монографијата „Сексуално вознемирување на универзитетите во Република Северна Македонија“ од авторите вон. проф. д-р Ангелина Станојоска, вон. проф. д-р Ице Илијевски и доц. д-р Ивона Шушак Лозановска и тројцата од Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.
Покрај промоцијата, се одржа и панел дискусија на која покрај авторите, говореа и проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска, м-р Ина Џугуманова, правна советничка во Хелсиншкиот комитет за човекови права, и Емилија Баткоска, Студентски правобранител при УКЛО.
Авторите на панел дискусијата посочија дека универзитетите се и треба да бидат бастиони на слободата на говорот, индивидуалните права и академската слобода. Атмосферата што ги ограничува овие слободи е спротивна на нивното постоење. Толеранцијата на сексуалното вознемирување во академски контекст, како и намалувањето на академската слобода и слободата на говорот може да ги лиши членовите на академската заедницата од нивното вистинско образование.