Клубот „Титус Флавиус Орестес“ од Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола од 17.09. до 19.09.2021 година учествуваше на Pre moot court натпреварот за симулации на процеси пред Европскиот суд за човекови права кој традиционално веќе четврта година се одржува во Ниш, во организација на тамошниот Правен факултет.

Во големото финале, клубот „Титус Флавиус Орестес“ се натпреваруваше со колегите од Правниот факултет во Зеница (Клуб „Горгија“). Студентите од Правниот факултет во Зеница го освоија првото место со вкупен резултат од 78 – 72, односно по натпревари клубот „Титус Флавиус Орестес“ го загуби мечот кога беше во улога на респондент (30 – 45), додека победи во мечот кога беше во улога на апликант (42-33). За најдобар говорник на турнирот беше прогласена студентката Ангела Бошевска од Правниот факултет при УКЛО.

Оваа година како натпреварувачи во клубот „Титус Флавиус Орестес“ беа студентките: Ангела Бошевска, Ана Џима и Наташа Присаѓанец (во улога на апликанти) и Наталија Атанасовска, Викторија Митевска и Радмила Јовановска (во улога на респонденти). Студентките работеја под менторство на вон. проф. д-р Ангелина Станојоска и вон. проф. д-р Мирјана Ристовска.