На 1 јуни 2021 година во просториите на дисперзираните студии во Битола на Правниот факултет – Кичево при Универзитетот “Св. Климент Охридски” – Битола, беше одржана свечена промоција на најдобриот студент за 2020 година, и за таа цел од страна на Деканот Проф. д-р Горан Илиќ беше доделена Пофалница за остварен највисок среден успех на студентката Викторија Митевска (9,67), која дипломирала во 2020 година.
Одлуката за одржување на оваа свеченост ја донесе Деканатската управа на Правниот факултет – Кичево со цел воспоставување на пракса за промовирање на најдобрите студенти кои дипломираат на Факултетот со највисок среден успех, а со намера да се поттикне нивниот понатамошен развој и амбиција за остварување на уште поголеми успеси на професионален план. Ваквиот чин на уважување на најдобрите студенти од страна на Правниот факултет, треба да прерасне во традиција за оддавање на признание и почит на студентите за нивниот вложен труд и енергија во текот на студирањето.
Оваа свеченост секоја година е планирано да се одржува на 31 март, со цел одбележување на денот на македонското правосудство. Но овој пат, поради COVID19 пандемијата свеченоста беше одржана на 1 јуни 2021. Инаку, на 31 март 1945 година е донесена Повелбата на АСНОМ за устројството на редовните народни судови на Федерална Македонија со која се основани 25 околиски судови, 3 обласни судови со седишта во Скопје, Битола и Штип, и Врховен суд со седиште во Скопје. Поради тоа, 31 март се смета за ден на поставување на темелите на судството во Република Северна Македонија.